Неколку археолошки локалитети во Прилеп
МАРКОВИ КУЛИ е
локалитет кој се наоѓа во централниот дел на Македонија, во непосредна близина
на градот Прилеп. На 10 Април, 2006 година, локалитетото е прогласен за
Споменик на природата. Составен е од бројни денудациони форми коишто
претставуваат извонредна скулптура на релјефот. Оваа феноменална појава на
богатство на облици, се должи, пред се, на геолошкиот состав на теренот (кој е
изграден од метаморфни карпи, наречени гнајсеви кои се пробиени од помладите
гранити- наречени гранодиорити), климата, релјефот и растителната покривка.
Според современите геохронолошки испитувања, гранитите интрудирале пред околу
300 милиони години во постарите гнајсеви, чија старост е проценета на околу 700
милиони години. Просторот на Маркови Кули, во целина, го сочинуваат поголем
број импозантни грамади поврзани во две паралелни низи со правец на протегање
север-северозапад, југ-југоисток, чија надморска висина постепено се зголемува
од југ кон север. Двете низи грамади во северниот дел се сврзани со највисоките
врвови: Златоврв и Липа. Низ целиот овој
масив се истакнуваат најразновидни форми во вид на врвови и остенци, столбови и
запци, печурки, плочи, топки, пештерски и котлести длабнатини. Природните
структури на карпите, потекнуваат од времето на консолидација на магмата која
ладејќи се, лачела свероидни и паралелопипедни блокови. Низ четиридецениските
археолошки истражувања, откриени се остатоци коишто укажуваат на постоење на
раноантичка населба - Керамија. Во римскиот период, оваа мала селска населба се
проширила во југозападното подрачје, за што сведочат пронајдените мермерни
украси од една ранохристијанска базилика. Обѕидието на овој терен потекнува од
XIII до XIV век и се наоѓа во добра состојба. Ѕидовите се со широчина од околу
еден метар, изградени од послаб варовен малтер и се потпираат на големите
варовни карпи. Акрополата била поделена на помали простории со внатрешни
преградни ѕидови. Тука се наоѓал и дворецот на кралот Волкашин и Марко.
Сложената основа на влезниот портал говори за повеќе доградувања и
реконструкции на просторот. Според некои историски наоди, оваа тврдина, до
втората половина на XIII век, па и подоцна, ја бранеле само 40 војници.
Населбата била сместена јужно од акрополата, расположена на околу 3,6 хектари.
На нејзиниот северен ѕид стои двојна порта, како и голема стражарска куќа,
поставена помеѓу влезовите. На јужниот ѕид стојат добро сочувани три кули.
Најдолниот појас на обѕидието се состои од низа куси ѕидови влечени во искрќена
линија. Во западниот дел се наоѓаат гробови всечени во карпа. Во XIV век, овој
дел служел како привремено прибежиште на околните жители од турската наезда. По
смртта на кралот Марко, во 1395 година, оваа населба била заземена од турската
стража, поради што животот во неа згаснал во целост. Жителите на некогашната
населба свое засолниште побарале во блиската околија. Така, во подножјето на
Маркови Кули, се развила населба со разретчена структура, поделена во неколку
маала во кои секое имало своја црква. Оваа нова населба од XIV век го добила
името Варош, име под кое и ден денес таа постои.
МЕСТОПОЛОЖБА И ГРАНИЦИ
Исток
источната граница
на локалитетот Маркови Кули започнува од месноста Г. Чаир. Оттука границата се
протега во североисточен правец по источните падини на грамадата Кукул , покрај
асвалтниот пат којшто води спрема Прилепско езеро. Кај езерото границата
го менува правецот и се искачува по источните падини на грамадата Главица,
потоа води по југозападните падини на месноста Ридон и по источните делови на
грамадата Единак(1.303 м) и избива кај месноста Самарница. Оттука границата се
спушта по источните падини на грамадата Сурун и завршува на патот што ги
поврзува селата Дупјачани и Небрегово.
Запад
западната граница
започнува кај селото Забрчани и се протега на југ, па на југозапад спрема
селото Мало Мраморани, при што води по западните падини на возвишението Негреа.
Оттука границата се протега на југоисток и води по јужните падини на ридот
Негреа, потоа по југозападните падини на возвишението Заградски Стени, по
западните падини на Зеленик (983 м) и Маркови Кули и завршува на јужните падини
на грамадата Маркови Кули над месноста Варош.
Север
северната граница
започнува од патот што ги поврзува селата Дупјачани и Небрегово, околу 500
метра источно од с. Небрегово. Оттука таа води на запад по патот за с.
Дупјачани и на околу еден километар пред селото свртува на југ и води спрема
месноста Орлов Камен. Оттука границата свртува малку на север, потоа остро
свртува кон југоисток и се протега по југозападните падини на грамадата Сурун
се до Горно Село. Оттука границата го менува правецот и води на запад по
северните падини на грамадата Златоврв се до месноста Вирила. Оттука границата
се протега на северозапад и води по источните падини на ридот Негреа за да
заврши кај селото Забрчани.
Југ
јужната граница започнува кај
месноста Варош и се протега на североисток по источните падини на грамадите
Маркови Кули и Заленик заобиколувајќи ја рамнината Средно Поле, за да продолжи
да води по западните падини на грамадата Кукул и завршува кај месноста Г. Чаир,
на јужните падини на грамадата Кукул.
СЛОНОТ
Исто така на
локалитетот на Марковите Кули се наоѓа и Слонот ( што на некои им личел и на
штрк) кој е составен од две природно споени карпи. Слонот е висок 8 метри и од
него Прилеп се гледа како на дланка. Постојат и повеќе верувања дека Слонот се
користел и во религиозни обреди на предците, а показатели за тоа се окилните
гробови и видливите остатоци од фрескоживописот кој е сериозно оштетен.
Марковите кули и населбата Варош со 77 цркви, заедно со природните раритети, се
недоволно покажани природни дарови и артефакти со предиспозиција за туристичка
дестинација.
Comments
Post a Comment